Година XVI, број 98, Декември 2009

 

СРЕДБИ


М-Р СТЕВЧО ДИМЕСКИ РЕГИОНАЛЕН ДИРЕКТОР ЗА ЦЕНТРАЛЕН РЕГИОН ВО СТОПАНСКА БАНКА АД СКОПЈЕ


СИГУРНИТЕ И СТАБИЛНИ БАНКИ ЌЕ БИДАТ ПРЕДУСЛОВ ЗА ИЗЛЕЗ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ОД КРИЗАТА


      Врската на реалниот и финансискиот сектор е голема. Падот на еко­номска активност влијае единствено на профи­табилноста на македонските банки, бидејќи стапката на адекватност на капиталот (на некој начин ја одразува сигурноста) е 16 отсто и е двојно повисока од меѓуна­родно пропишаната – вели м-р Стевчо Димески, регио­нален директор за Централен регион во Стопанска банка АД Скопје.


      ► Каков предизвик е да се биде Регионален директор на Стопанска Банка АД Скопје?

      - Предизвик на секој млад човек е да биде составен дел од тим, да работи во компанија што дава значаен придонес за развој на една национална економија. Истото, уште повеќе доаѓа до израз ако станува збор за најголема компанија од дадена област, како што во конкретниов случај е Стопанска Банка АД Скопје. Да се биде Регионален директор одговорен за функционирањето на 7 филијали, подразбира да се преземе голема обврска.

      ► Што претставува рецесијата и колку се чувствува таа во Македонија?

      - Секогаш кога ќе се појави поголем дисбаланс помеѓу финансискиот и реалниот сектор, се раздви­жува фетишкиот карактер на па­рите, финансиските иновации (дерегулација на пазарите, секјуретизација на кредитите и др.) како стент времено ќе го намалат дисбалансот, но, ненавремената дополнителна интервенција за ладење на системот (прегреена економија) бара потреба од бај - пас. Ненавремен бај - пас предизвикува пад на системот во кома, во овој случај – рецесија. По дефи­ниција рецесијата е пад на БДП во два последователни квартали. Македонија како мала и отворена економија не може да остане надвор од овие случувања. По правило, оние сектори коишто даваат најголем придонес во БДП најмногу се и погодени.

      ► Колку рецесијата се одразува врз работењето на банките?

      - Генерално, ако зборуваме за односот на рецесијата и банките во светски рамки, би истакнале дека функционирањето на банките согласно условите на развиениот финансиски пазар, ниското учество на традиционалните банкарски работи во тековното работење и се поголемото учество и практикување на финансиските иновации се и една од главните причини за рецесијата. Едноставно, американската хипо­те­карна криза предизвика проблем со ликвидноста, истото се преточи во банкарска криза, којашто се прелеа во рецесија низ целиот свет.

      Состојбите во РМ видно се раликуваат од светскиот тренд. Традиционалното банкарство како и ниското ниво на развој на финансискиот пазар се елементи кои беа пресудни банките во Македонија да го избегнат бранот од глобалната економска криза. Вториот ударен бран ќе биде повратниот ефект од реалниот сектор. Врската на реалниот и финансискиот сектор е голема. Падот на економска активност влијае единствено на профитабилноста на македонските банки, бидејќи стапката на адекватност на капиталот (на некој начин ја одразува сигурноста) е 16 отсто и е двојно повисока од меѓу­на­родно пропишаната. Сигурните и ста­билни банки како што се банки­те во Македонија ќе бидат и зна­чаен предуслов за излез на македонската економија од кризата.

      ► Кога да очекуваме повторно намалување на каматите?

      - Видете, камата е цена на парите и истата е пазарна категорија. Цената на парите се формира во зависност од понудата (депозити) и побарувачката на пари (кредити). На страната на понудата на пари се населението и компаниите, а на страната побарувачката за кредити се компаниите, населението, јавниот сектор, државата. Цената на парите е во тесна врска и со ризикот којшто банките го превземаат со пласирање на средствата, како и влијанието на НБРМ. Врз основа на претходното намалување на каматните стапки може да се очекува доколку со соодветен интензитет се зголеми до­машното штедење (согласно моменталната а и намалена каматна стапка), се намали по­ба­ру­вачката за кредити и НБРМ да ги редуцира лими­тирачките фактори.


      Благодарение на проф д-р Тодор Тодоров, проф д-р Димко Ко­ка­роски и проф д-р Љуп­чо Печија­рески (би ис­кажал јавна благодарност) го започнав и моето научно истражу­вач­ко работење


      Што е она што Вашата банка ја прави различна од другите?

      - Во основа би издвоил само неколку елементи кои Стопанска банка АД Скопје ја прават препознатлива и различна од другите. Имено, Стопанска банка АД Скопје оваа година прославува 65 годишен јубилеј од нејзиното основање. Истото подразбира дека е банка со традиција и доверба. Истовремено, од страна на Euro Money и Finance Central Europe е прогласена за најдо­бра банка во Македонија за 2008 г. Исто така е прогласена за банка со најголема актива и најголем капитал, како и генерална оценка спрема Finance Central Europe повторно е прогласена за најдобра банка во Македонија за 2009 г. По­конкретно, во моментов банката има актива над 1 млрд евра, вкупната капитална сила изнесува 16,8% што само по себе ја одразува моќта и довербата, сигурноста и стабилноста.

      Има најширока мрежа на филијали и експозитури на територијата на Р.Македонија, вклучително со бројот на банкомати, мрежата на пос - терминали настојува што е можно повеќе да се доближи до своите комитенти, а преку електронското банкарство нуди следење на сметките и буквално сите трансфери на средства кои како услуги од платниот промет, може да се добијат како и на шалтерите на банката и сето тоа за пониски цени.

      М-р Стевчо ДИМЕСКИ, Регионален директор за Централен регион во Стопанска Банка АД Скопје, Професор на приватната високообразовна институција МСИ, Г.Р Державин, член на ДНУ – Прилеп, член на Управниот одбор на Регионална Стопанска комора – Прилеп. Докторант на Економски науки на Економскиот факултет во Прилеп, магистрирал на Економскиот факул­тет во Скопје под менторство на проф. д-р Љубе Трпески. Има објавено книга во коавторство, учесник на меѓународни конференции, научно - истражувачки проекти и автор на повеќе од 30 трудови објавени во научни и стручни списанија.

      Истовремено, е банка која чувствува и општествена одговорност помагајќи ја уметноста, културата и сл, што го докажа и со караванот на изложби на слики од сопствената уметничка ризница, таква из­ложба се одржа во по­четокот на септември во Прилеп.

      ► Вие не сте само “банкар“, туку и научен работник, од кога се занимавате со научна работа?

      - Почетоците на полето на научната работа датираат од вре­мето кога бев демонстратор на Економскиот факултет во Прилеп и истовремено на последипломскиот студиум на Економскиот фа­култет во Скопје (студиум Монетарна економија, раководител проф д-р Тихомир Јованоски) кога и почнав да ги истражувам монетарните финансии, банкарското работење со еден збор запловував во науч­но исражувачката ра­бота. Во тоа време, благодарение на проф д-р Тодор Тодоров, проф д-р Димко Кокароски и проф д-р Љупчо Печијарески (би ис­кажал јавна благодарност) го започнав и моето научно­ ис­тра­жувачко работење, и нејзино публикување, што подоцна резул­тираше со бројни трудови, учество на меѓународни симпозиуми про­екти и сл. После магистрирањето, продолжувам со перманентно проширување на знаењата и прак­тична примена во секојдневни работни обврски. Сметајќи дека е најдобра комбинација на теоретски елаборации надополнета со емпириски опсервации и пазарни реализации се определив спојот на теоријата и примената на теоријата во пракса да ја пренесам на моите студенти. Истото, во моментов се реализира на приватната високообразовна институција Ме­ѓународен Славјански Институт Г. Р. Держа­вен – Свети Николе, со акредитација во Македонја. Во завршна фаза сум на изработка на докторска дисертација под менторство на проф. д-р Глигор Би­шев на Економскиот Факултет во При­леп, така што, заокру­жу­вањето на процесот на докторирање е она што треба да следи наскоро.

      ► Како ја гле­дате економската иднина на Македонија?

      Македонија е мала и отворена економија. Вли­јанието на ме­ѓу­народната размена може да се илу­стрира како големина од 130% од БДП. Испитувањата ука­жу­ваат дека домашните цени 80% се детерминирни од од увоз­ните цени, од друга страна основно номинално сидро е девизниот курс на денарот во однос на еврото, што значи дека и монетарната политика е зависна од политиката во ЕУ зоната. Претходното, укажува дека екстерното влијание врз македонската економија е огромно. Останува, од наша страна да креираме економска политика која во услови на криза ќе ги амортизира негативните ефекти (оперативно стимулативни мерки), а во услови на подем ќе даде допол­нителен стимул, а независно од тоа ќе испорача макроекономска стабилност што од своја страна значи извесни услови и позитивна перцепција на стопанството за нивен раст и развој, а со самото тоа и зголемување на ни­вото на бруто дома­шен производ.

Игор ТАСЕВСКИ