|
|
|
ПОРТРЕТИ БЛАГОЈА АЛЕКСОСКИ – ГЛУМЕЦОТ
ПРИЛЕПСКИОТ
КУРНАЗЛАК Е ИТРОШТИНА
● Благоја Алексоски е уметник со високи дострели. Во неговата артистичка кариера одигра и бисерни улоги што долго ќе се помнат. “Луков“ во “Црнила“, Обер – бег во “Робот и агата“, Ристо Бифеџијата во “Мангите пијат чај“, “Глогов џбун“ од Братислав Димитровски – се само дел од улогите што ги одигра Алексоски и преку кои остави неизбришливи траги.
Блаже Алексоски – Глумецот, првенец на Народниот театар “Војдан Чернодрински“ – Прилеп, автор на повеќе драмски дела и добитник на повеќе награди и признанија, со право се смета за бард на македонското глумиште. За тоа сведочат неговите 300 одиграни претстави на “штиците што живот значат“. Во 80-тите години, за толкување на главната улога во претставата “Мангите пијат чај“ од Душан Ковачевиќ, ја доби наградата “Војдан Чернодрински“.
Благоја Алексоски своето огромно актерско искуство во последните години го круниса со објавување на повеќе драмски текстови. Меѓу нив се: “Аџи Ристо Логотет“, “Тале Мелезо“, “Спиро Скубе“, “Ах“, “Прилепски прекари“, “На умирање во Битола“, “Прилепски табиети“, “Прилепски курназлаци 1 и 2“.
На мојата работна маса се наоѓаат и неколку книги кои чекаат објавување. Тие се: “Ароплан што лета по земи“, “Житие по Коста Саруфте“, “Трбиќ и Капка“, “Дали кимаше Пејо глава, дали немаше“, “Приказни за прилепските ѓупци“ и “Прилепска хроника“. За книгите што ги издадов посебна заслуга има директорот на “Витаминка“ Симон Наумоски кој сестрано ги поддржа тие изданија – рече Блаже Алексоски.
Според него внимание ќе привлече и предложената книга за печатење “Трбиќ и Капка“ која наскоро ќе влезе во печат.
- Алексоски пишува за скромните луѓе што му се радуваат на животот, за оние што имаат позитивни особини и изграден карактер, односно за оние со табиет или за табиетлиите луѓе. Тие се души со недосонувани соништа, што веруваат во гатачки и бајачки, суеверија и празноверија исполнети со страсти, желби и иронијата да биде поголема со разурнати идеали. Тоа се ликови дрочни, зрели и привлечни, секогаш со мислата дека утре ќе биде подобро и злото победено – ни рече професорот Орде Сливјаноски за Благоја Алексоски.
Долго ќе се помнат улогите за Аџи Ристе Логотет, Спиро Скубе, Колобан, Итроман
Пејо, Коста Саруфте и други. Во широкиот спектар на карактери и табиети
препознатливи се и прилепските мајтапчии, но и луѓето со чудесни прекари како
на пример Тртка, Дрчка, Сучка и Кучка. Препознатливи се и луѓето со специфични
табиети како оние на Коцале и Пупунче, Џиџале и Мантушо, Глигурче посна сарма и
други.
- Прилепскиот курназлак е итроштина. Содржии и будалаштилак и итроштилак. Не може, ќе се скрастај човек во Прилеп ако не направи некоја итроштина. Курназлакот го носи индивидуата, го носи ликот – вели Блаже Алексоски и додава: сакав да направам една трилогија за поголемо издание. Ќе видеме како ќе биде.
Тој напиша книга за прилепските мајтапи, собра над 12000 прилепски прекари и ги забележа прилепските табиети. За најновата книга на Алексоски професорот Кирил Темков вели дека “прилепските курназлаци се сериозни шеги од прилепчаните“.
- За прилепчаните, како шеговите луѓе е многу пишувано, а сега своите сограѓани и настаните околу нив систематски и детално ги проучува Блаже Алексоски. Во книгата тој донесува илјадници автентични, оригинални, значајни прилепски итроштини – вели рецензентот на книгата “Прилепски курназлак“ Кирил Темков.
- Трбиќ е талентиран демагог. Тој е пример каков не треба да биде политичарот денес. Капка е најголемиот боем во Прилеп. Тој и Милан Точак се сметаат за најголемите боеми во Прилеп. Тој е единствениот прилепчанец кој што живеел во хотел. Пари со лопатата ринел, а куќа не направил. Тоа е, всушност, портретот за Капка – нагласи Алексоски.
Благоја Алексоски е уметник со високи дострели. Во неговата артистичка кариера одигра бисерни улоги што долго ќе се помнат. “Луков“ во “Црнила“, Обер – бег во “Робот и агата“, Ристо Бифеџијата во “Мангите пијат чај“, “Глогов џбун“ од Братислав Димитровски – се само дел од улогите што ги одигра Алексоски и преку кои остави неизбришливи траги.
Блаже Алексоски претставува своевидна доминација во културниот живот во Прилеп, во театарската уметност и во литературата. Неговото пишување го одликуваат трајни вредности.
Атанас ТАСЕВСКИ
Љубовна приказна на „ДЕНИЦА“
|
Пишува: Сузана ЃорЃиевска ê ДА И ЦУТИ ЛИЦЕТО НА МЕАНЏИКАТА |
|||
|
Дури ко се сети во јазикот подврзан, во мислата сардисан, за глуждови ко магаре сопнат, за меур со менгеме фатен, дури тогаш до немајкаде го чална билначето до капка исцедено и од виното вапсано и узна оти заедно со виното и зерзевулот од билнакот го испил. Најпрво, му се вдена зерзевулот в уста и на јазик му се оптегна. Јазикот, небаре туѓ,небаре пес на сонце на мукава спружен, ни мрда ни се поткрева, ни збор разговетен дава. Само насмевка непослушна сурат му растегнува и де кај едното уво, де кај другото му бега. После и мозокот му го сардиса сосе гледање, сосе слушање, сосе мирисање. Една мисла друга не бара, мисла друго не носи само лицето на Дафина. Очите, црвени ко зерзевул, да би не му биле очите зерзевулски, да би му истекле од ѕверење ко на најклет од најклетите, само двете грутки ги гледаа, двете грутки тркалезни и бели, ко гладен поскури, негибнати, врели. Грутките на Дафина во бубаќерно ропче оздола слочкани, со бела тантела озгора завиткани, со срмен елек најзгора повтор стиснати и замелушно поткренати, в очи го дупеа, од пред очи не му се иставаа. Ушите, црвени ко зерзевул, да би не му биле роговите зерзевулски, да би му пукнале и се разглобиле сите коски, само едно слушаа: - За друг ја посвршија! Никој за ајдук женска челад не дава! Ајдујкот ајдук останува, а ајдукот стреа нема, под ведро небо ноќева, Богу знано младоста ја остава. Носот, црвен ко зерзевул, да би му запрело срцето зерзевулско, само јоргован мирисаше, јоргован зад бело уво и под руси коси потпикнат, јоргован под шамија вденат, јоргован во иличе, место петличе,наденат. Најзадно, лутба на жалба калемена нешто внатре откорна, па нешто внатре збаботи, нешто силно ступоти, ко лута змија спишти и на нозе го исправи, на нозете снага што не крепат, па ко магаре сопнато бабулето си го ослободи, со зорт реденици в крст намести, чифтето го нарами, пиштол и кама в појас потпикна, на самар матарката ја провисна и на коњ се качи лутбата да ја прошета. |
***
Прво го виде гунчето. Гунчето, од алова чоја кроено, со мило око илдисано, со лека рака шиено, со желба капладисано, со мерак утиисано, со гајтан, како жито зрело, опшиено, со конец златен навезено, на меки гради предиплено и за в бовчалак здиплено, на јоргован мирисаше. Гунчето дарено, на сува гранка обесено, му се стори борина. Борина запалена ем вивната. После го виде момчето. Момчето голобрадо. Момчето беше заспано.
Прво на пиштолот раката му се примири, окото за камата му јави. После мислата ко на родан му се изврти, ко клопче му се источка, пред Бога и пред рода на коленици го турна, пред народ и пред Дафина го ничкоса, па друга мисла наслуша, друга мисла послуша... После разбра оти во песната влезе а по него Дафина, по Дафина момчето заспано, по момчето гунчето крадено, по гунчето меаната, по меаната рујното вино и лутата ракија, а по виното и ракијата зерзевулот, да би не му било се зерзевулско. После, после разбра оти во песната влезе и од песна не излезе. |
|||