Година XVI, број 98, Декември 2009

ИНТЕРВЈУ


ДОЦЕНТ Д-Р ВИНЕТА СРЕБРЕНКОСКА ПРОФЕСОР НА ТЕХНОЛОШКИОТ ФАКУЛТЕТ ПРИ УНИВЕРЗИТЕТОТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ – ШТИП


ПРОФЕСОРКАТА ГОРДАНА БОГОЕВА – ГАЦЕВА ЈА ОДРЕДИ МОЈАТА НАУЧНА ИДНИНА


      Подолг период работев во индустрија, а отсекогаш посакував да работам како универзитетски професор. Мојот сон сега стана реалност и среќна сум поради тоа. Ја сакам оваа работа, сакам да работам со студентите, да го пренесувам моето знаење и да ги продолжам истражувањата во областа на новите материјали и технологии. Се надевам дека моите зацртани цели ќе се исполнуваат и дека во иднина ќе бидам ценет професор секогаш отворен за соработка со студентите и колегите – вели доцент д-р Винета Сребренкоска.

      Неодамна докториравте и сега сте професор на Техно­лошкиот факултет при Уни­вер­зитетот “Гоце Делчев“ во Штип. На што беа посветени вашите научни истражувања?

      - Предмет на моите научни истра­жувања беа полимерните еко - ком­позити на база на термопластични и биоразградливи матрици и природни зајакну­вачи и нивната споредба со конвенционалните, на база на термореактивни и термопластични полимерни матрици.

      Особен научен, но и практичен предизвик денес претставуваат истражувањата на технологиите (оптимални) за добивање на еко-композитни материјали, нивната карактеризација, како и можноста за нивно рециклирање и повторна употреба. Оттука произлезе и мотивот и определбата за темата на мојата дисертација.

      Докторската дисертација со наслов “ДОБИВАЊЕ И КАРАКТЕРИЗАЦИЈА НА ПОЛИМЕРНИ ЕКО-КОМПОЗИТИ: СПОРЕДБА СО КОНВЕНЦИОНАЛНИТЕ И МОЖНОСТИ ЗА НИВНА ПОВТОРНА УПОТРЕБА“ претставува самостоен научен труд и прилог кон теоретските сознанија од областа на природните еко-композитни материјали.

      Истражувањата во дисертацијата покажаа дека технологијата за до­бивање на полимерни еко-композити претставува потенцијален интерес за производните капацитети сврзани со композитни материјали Ваквиот еко-дизајн е филозофија која поинтензивно се применува за сè поголем број материјали и крајни производи.

      Долги години бевте технолог во индустрија. Кои беа причините да се приклучите во научно истра­жу­вачкиот процес?

      - Работев 16 години во “11 Октомври – Еурокомпозит“ во Секторот за развој и благодарение на мојата љубопитност и амбиција, секогаш се вклучував во сите предизвикувачки развојни програми. Научно истра­жувачките активности претставуваа посебен предизвик за мене, па така во 1998 год. бев учесник во развојно-истражувачки проект координиран од ТМФ, а кофинансиран од МОН на Р.Македонија. На тој начин повторно дојдов во контакт со факултетот каде дипломирав и со проф. Д-р Гордана Богоева – Гацева која отсекогаш за мене беше пример за совршен професор и научник со високи критериуми. Мотивирана од мојата професорка и во комбинација со мојата амбиција и желба за повеќе знаење, во 1999год. се запишав на постдипломските студии на ТМФ на насоката нови материјали. После 6 години работно искуство повторно се вратив на полагање на испити и подлабоко совладување на материјата од областа на новите материјали. Сфатив дека тоа е тоа што ме исполнува и ме прави да бидам задоволна со тоа што го работам. Поточно, се најдов себеси и практичната работа и искуство стекнато во Еурокомпозит почнаа да добиваат научна основа и димензии. Така, си го определив правецот по кој и денес се движам. Почнав да пишувам научни трудови, да ги презентирам на до­маш­ни и меѓународни конгреси, да учествувам во научно-истражувач­ки проекти, или со други зборови, благодарение на мојот ментор почнав да “растам“ во научно-истражувач­ката работа. Во 2002 год. магистрирав но, и тука не заврши мојата амбиција. Истражувањата и научната работа ги продолжив. Оваа година докторирав на ТМФ при УКИМ исто така под менторство на проф. Д-р Гордана Богоева – Гацева.

      ► За време на Вашата работа во Еурокомпозит – Прилеп, придонесовте за технолошкиот развој на неговата производствена програма. Кои се вашите иновации во оваа фабрика?

      - На почетокот во “Еурокомпозит“ работев како самостоен високо­стручен работник во Развојниот сектор, а подоцна во 1996 год. бев унапредена во носител на проект исто во Секторот развој. Потоа, од 1998 год. работев како раководител на службата за современи композитни материјали наменети за балис­тичка заштита и на крајот од мојот работен век во Еурокомпозит работев како директор на Одделот за истра­жу­вање и развој. Тука завршија моите амбиции за напредок во фирмата. Стекнувањето на титулите ма­гистар и доктор по технички науки не беа во функција во рамките на Еурокомпозит, затоа побарав работа на Универзитет каде што може да бидат вреднати моите квалитети. Во Еурокомпозит носител сум на технологиите за производство на композити на основа на арамидни, јаглеродни и полиетиленски влакна и епоксидни и фенолни смоли. Исто така, носител сум на технологиите за производство на композитни калоти за балистички шлем. Учествував во програмата за модификација на воените возила Хермелин и Хамви и во други програми со наменски ка­рактер.

      ► Сега работите во универзитетот “Гоце Делчев“ – Штип. Како функционира оваа институција, што посебно би издвоиле од неа?

      - Денес, работам како професор по група предмети од областа на текстилното инженерство на Техно­лошко-техничкиот факултет кој е дел од Универзитетот “Гоце Делчев“ во Штип.

      Универзитетот во Штип е организиран како најголемиот број европски универзитети. Функционира според моделот на интегриран уни­вер­зитет, а интегрира 13 факултети и една висока школа: Економски факултет, Правен факултет, Педа­гошки факултет, Земјоделски фа­култет, Факултет за информатика, Факултет за природни и технички науки, Факултет за музичка уметност, Филолошки факултет, Фа­култет за медицински науки, Техно­лошко-технички факултет, Електро­тех­нички факултет, Машински фа­култет и Факултет за туризам и бизнис логистика. На Универзитетот студираат повеќе од 5.000 студенти и работат повеќе од 400 вработени.

      Би потенцирала дека Универзи­тетот брзо се развива и ќе биде препознатлив по највисоките човекови вредности: знаење, умеење, вистина, чест.


      Така, си го определив правецот по кој и де­нес се движам. Почнав да пишувам научни трудови, да ги презентирам на до­маш­ни и меѓуна­родни конгреси, да учес­тву­вам во научно-истра­жу­вачки проекти, или со други зборови, благодарение на мојот ментор поч­нав да “растам“ во науч­но-ис­тражувачката работа.


      ► Во изминатиот период успеавте да ја поврзите науката со производството. Какви се вашите планови во иднина на тоа поле?

      - Во изминатиот период голем дел од моето работно искуство во “Еурокомпозит“ посветив на научно истражувачка работа. Бев учесник на едногодишниот проект кофинансиран од Министерство за образование и наука на Р. Македонија и PFARE програмата, а потоа учес­тву­вав во уште четири едногодишни развој­но истражувачки про­ек­ти кои исто така беа кофинансирани од Министерство за образование и наука на Р. Македонија. Учес­тву­вав и во меѓуна­роден проект финансиран од ЕУ, во рамките на Програмата FP6. Во целиот овој 10-го­ди­шен период бев на некој начин како ат­хе­зив­но средство на Еурокомпозит со науч­ни­те институции и успевав фирмата да добие материјални средства и високи рефе­ренци.

      Моментално, ра­бо­там на Европскиот тригодишен проект: “Развој на нови материјали и технологии за изработка на пнеума­тични и хидрау­лични вентили“, во рамките на програмата ЕУРЕКА, кој исто така претставува врска меѓу науката и индустријата. Во иднина пла­нирам да продолжам со истражувањата во таа насока односно да аплицирам и да работам на проекти кои ќе имаат пред се апликативен карактер во индустријата.

      ► Какви се условите во Македонија за развој на науката?

      - Во Македонија, за жал, многу мал е процентот на научници кои своите истражувања ги насочуваат кон техничките науки. Исто така, многу мал е процентот на проекти кои државата ги финансира или кофинансира за развојно -истра­жу­вачки проекти за подобрување на производните процеси. Бидејќи имам 16 години работно искуство во индустрија можам да кажам дека и во про­изводните фирми најмногу вниманието е насочено да се обезбеди голем профит без многу наука. Во фирмите голем дел од инжинерите “се знаат, не им треба дополнително на­у­ка“, не водејќи сметка дека се се менува и дека постојано треба да има развој.

      ► Каде и како се гледате себе си во иднина?

      - Подолг период работев во индустрија, а отсекогаш посакував да работам како универзитетски професор. Мојот сон сега стана реалност и среќна сум поради тоа. Ја сакам оваа работа, сакам да работам со студентите, да го пренесувам моето знаење и да ги продолжам истражувањата во областа на новите материјали и технологии. Моментално сум избрана во наставно-научно звање доцент на Технолошкиот факултет, а пред мене си поставувам уште скали за искачување. Се надевам дека моите зацртани цели ќе се исполнуваат и дека во иднина ќе бидам ценет професор секогаш отворен за соработка со студентите и колегите – вели доцент д-р Винета Сребренкоска.

Игор ТАСЕВСКИ

      Доцент Д-р Винета Сребренкоска професор на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот “Гоце Делчев“ од Штип. Дипломи­рала во 1992 год. на Техно­лошко - металуршкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насока базно органско и полимерно инжи­нерство, магистрира во 2002 година, а докторира во 2009 година. 16 години работела во “11 Октомври Еурокомпозит“.Носител е на голем број технологии за производство на композитни материјали наменети за лична балистичка заштита и за модификација на воени возила. Посебен дел од работното искуство посветила на научно истра­жу­вач­ка работа – била учесник во 5 развојно истра­жу­вач­ки проекти. Во рамките на научно истражу­вачка работа има презентирано околу 35 трудови на меѓународни и домашни конгреси и симпозиуми, а има и 10 научни трудови објавени во меѓународни списанија со импакт фактор. Таа е сопруга и мајка на 2 деца.