Година XV, број 91, Октомври 2008

РЕПОРТАЖА


Радован Соколовски – Муцето мајстор сакан од сите муШтерии


Седи, муце, Ќе биде направено


 


Пишува: Атанас ТАСЕВСКИ


 

      ● Од таму, муце, го донесов само меракот. Муце, тоа со зборови не се дока­жува. Таму на инаков начин се доживува животот. Таму животот се живее на секој чекор, а не се планира да се проживее еднаш годишно. Повеќе за ова, муце, ќе ти раскажам насамо – ни рече најдобриот мајстор и најдобриот шегаџија Радован Соколовски – Муцето.


      Врвен механичар, дреар, мајстор кој одржува ма­шин­ски погони, возач, „спе­цијалист“ за ремонти на трактори и комбајни, ловџија – тоа е, накусо, профилот на Радован Соколовски, во Битола поз­нат како Раде Муцето. „Седи, муце, се ќе бидеш услужен“, ќе рече Раде кој сите го знаат по прекарот „Муцето“. Никој досега не е вратен од механичарската работилница на Раде Муцето. Нема дефект што тој не умее да го отклони. Затоа вели: „Седи, муце, ќе биде направено“.

      - Таа вечер на семафорите кај Педагошка од Битола еден човек беспомошно чека помош. Го пра­шувам што е, а тој ми вели – најлошото! Аман, бе, му велам, да не умре некој. Умре, вели, колата. Не е страшно, му велам, ќе ја поправиме колата. Колата, ми влеи тој, е полна со луѓе, патуваме за Пехчево. Добро, му велам, ќе ги симнеме луѓето и ќе ја поправиме колата. Луѓето, ми вели човекот, се моите деца, жената. Ноќе е, што да им правам! Сите пари ги потрошив на годишен одмор, немам да платам хотел. Одиме кај мене дома, му велам на човекот од Пехчево, да го сместиме семејството и ќе ја поправиме колата. За твоја среќа јас сум механичар, јас сум, ако си слушнал, Раде Муцето. Човекот длабоко се издиша, му олесна и отидовме кај мене. Го откло­нивме дефектот – сменивме клипови, карики и утредента ги испратив во Пехчево. Од тогаш ние станавме пријатели. Пријателството е најголемата инвестиција во животот. Мојата сопруга Десанка е среќна што ние на еден ваков начин стекнавме нови пријатели – ни рече при нео­дамнешната средба мајсторот Радован Соколовски.

      Доброто се помни, но Радован кажува дека секогаш можат да се сретнат луѓе кои можат да го расипат тој впечаток.

      - На еден друг човек, исто така, му ја поправив колата и извршив ремонт, купив делови од продавници и на крајот парите што ги вложив морав да ги вра­ќам преку суд. Но, тој тип луѓе не можат да го сменат мојот однос кон луѓето. За мене тие се нешто многу скапо во кое и понатаму треба да се вложува – вели Раде Муцето.

 

РАЗНЕСУВАВ МЕБЕЛ И НЕ СЕ СРАМЕВ

 

      Во својот „печалбарски жи­вот“ Радован видел се и сешто. Една година разнесуваше мебел од австриските салони по домовите, пет години пренесуваше половни возила од Германија. За период од пет години Раде Муцето пренесе 185 возила во Македонија.

      Работев се и сешто. Благодарение на таквата упорна работа со парите од Германија направив поткровје во куќата. Среќен сум. Имам два сина, а од неодамна имам и внук кој сите дома не весели. За да бидеш добар занаетчија, пред се, треба да бидеш чесен во занаетот, приступачен човек. По цена ништо да не заработам со не­чесност не се занимавам – ни рече мајстор Раде.

      Раде Муцето е темпераментен, весел човек, но знае на моменти да се налути и да го фрли чеканот или штрафцигерот.

      - Најмногу ме нервира неис­креноста на луѓето. Се случува да работам по цели денови, да набавувам делови и на крајот некои од муштериите ќе ми речат: „ај, здраво, немам да ти платам. Ќе чекаш да земам социјална по­мош“. Но, ќе ми помине лутината и со нив одново почнувам да си муабетам, да пијам кафе, ракиче или пивце. Животот не е едноставен, препреките треба се­кој­дневно да се совладуваат.

 

БОРЧЕ ОД СЛОЈШТИЦА МНОГУ МИ ПОМАГАШЕ

 

      Во регистерот на многу променети работни места за Раде Муцето ќе се сретне дека бил разнесувач на мебел, одржувач и сер­висер на возила, но и шпедитер

      - Кај Борче Магероски од Слојштица бев возач и живеев во неговиот стан. Многу ми по­ма­гаше. Заради иднината на моите деца се вратив во Македонија. Многу треба да работиме ако сакаме да ги постигнеме навиките на луѓето кои живеат во Австрија, Германија. Точно е дека со труд ги заработував парите во Австрија, но луѓето тој труд знаеја да го наградат. Со бакшижот што го добивав од луѓето за пренесувањето на мебелот направив поткровје во куќата во која денес живеам. Трудот и чесната работа на нашите луѓе светот ја почитува и наградува.

      Раде Муцето, меѓу другото, е духовит човек и шегаџија. Како секој мајстор. Го прашуваме што донесе од тој напреден свет во нашата средина?

      - Од таму, муце, го донесов само меракот. Муце, тоа со збо­рови не се докажува. Таму на инаков начин се доживува животот. Таму животот се живее на секој чекор, а не се планира да се проживее еднаш годишно. Повеќе за ова, муце, ќе ти рас­кажам насамо – ни рече најдобриот мајстор и најдобриот шегаџија Радован Соколовски – Муцето.