Година XV, број 91, Октомври 2008

МЕРИДИЈАНИ


Билјана Зероска – Становник основач на Здружението за словенечко македонско пријателство во Словенија


    Ве покануваме на соработка преку нашата интернет страница, пишувајте ни, испраќајте ни фотографии на нашиот e-mail: denicamk@mt.net.mk


ДОМА ВО СЛОВЕНИЈА И ДОМА ВО ПРИЛЕП


      Досега имам организирано многу активности во Македонија и Слове­нија. Организиравме 2 бизнис форуми – средби на стопанственици од Македонија и Словенија во Охрид. Некои од стопанствениците кои тогаш прв пат дојдоа во Македонија денес веќе имаат бизниси овде – „Туш“, „Меркатор“, „Дрога Колинска“, „Фруктал“ и други. Познати сме и со на­ши­те хуманитарни активности за Македонија – ни рече Билјана Зероска, претседател на Друштвото за словенско македонско пријателство.


      Лилјана Зероска, дипломиран фармацевт од Прилеп, во Словенија – државата во која што живее, на македонските фирми им помага со едукација за изработка на проекти за европски фондови. Во Љубљана беше иницијатор за формирање на Друш­тво за словенско – македонско пријателство. Во иднина сака да се постави одделение за промоција на Македонија во Амбасадата во Љубљана.

      ► Тоа беше повод да поведеме разговор со неа. Како е формирано Друштвото за словенско – македонско пријателство?

      - Друштвото е формирано во 2001 година. Го формирав тогаш кога се преселив во Словенија. Друштвото сега после седум години е препознатливо во Словенија под својот бренд СлоМак. Здру­же­нието го формиравме тројца Македонци кои живеат во Словенија и тројца Словенци со голема љубов кон Македонија. Во Словенија има околу четири илјади Македонци. За нив постоеле неколку македонски друштва, но ние со формирањето имавме идеја да направиме поинакво друштво. Другите друштва имаат за цел да го организираат дру­же­њето на Македонците во Словенија меѓу себе, а нашето друштво е прво кое имаше за цел да ги спои двете држави Македонија и Словенија, односно да бидеме мост меѓу двете држави. Сакаме да организираме економски средби – средби на стопанственици од Македонија и Словенија. Искуството од Словенија да се пренесе во Македонија и да работиме на развојот и промоцијата на македонската култура. Културните активности најчесто ги користиме за собирање средства за хуманитарни цели, нај­­често за помош на деца, во Македонија.

      ► Какви актив­ности организирало Друштвото од фор­мирањето до денес?

      - Досега имам организирано многу активности во Македо­нија и Словенија. Организиравме 2 бизнис форуми – средби на стопанственици од Македонија и Словенија во Охрид. Некои од стопанствениците кои тогаш прв пат дојдоа во Македонија денес веќе имаат бизниси овде како „Туш“, „Меркатор“, „Дрога Колинска“, „Фруктал“ и други. А преку овие форуми ме ангажираа мене во менаџментот „Фруктал“, тогаш кога беше пред затварање во Македонија. Но со многу работа, напори, лобирања и добри анализи го спасивме и денес одлично функционира. Организиравме многу изложби и концерти на наши уметници во Словенија од калибарот на Влатко Стефановски. Собиравме парични средства за оние на кои им беа најпотребни, им дадовме парична помош на сите

деца чии родители настрадаа во настаните во Македонија во 2001.

Тогаш собравме и поделивме 20.000 евра. Секоја година детскиот фестивал „Ѕвездички“ го носиме и претставуваме во Словенија. Годинава организираме бесплатен одмор за македонски деца во Пореч и слично.

      ► Каде мислите дека е по­добар животот – во Словенија или во Македонија?

      - Во овој момент ми е тешко да одговарам на вакво прашање би­дејќи сум во фаза кога сум дома во Словенија, а сум дома и во Прилеп. Живеењето во Словенија и Македонија е надополнување на двата менталитети. Македонците се од­лично прифатени во Словенија, а Словенците не ги прифаќаат странците лесно. Тие се многу трудољубиви, но ладни по дефиниција, и тешко прифаќаат ако стра­не­цот е подобар од нив. Иако се такви тие имаат посебен однос кон Македонците, не сакаат како народ. Во едно истражување кое се правеше во Словенија на пра­шањето кого би сакале Словенците за комшии од државите од поранешна Југославија над 80% од нив сакаат тоа да бидат Македонците. Македонците се поотворени, погостопримливи и по­успешни во уметноста и културата.

      ► Каков е твојот професионален ангажман во Словенија?

      - Јас по професија сум магистер по Фармација со нострифицирана диплома во Словенија. Мене и патот во Словенија ме однесе така, таму појдов на постдиплосмки студии кои тогаш беа на Брдо кај Крањ, а сега се на Блед, која школа важи за една од најдобрите мали школи за менаџмент во Југоисточна Европа. Моето работно време моментално е поделено на два дела 60% од работниот ден е посветен на работата на Друштвото, а 40% е посветен на маркетиншки проекти кои ги работам за одредени фармацевтски куќи како надворешен соработник, преку мојата приватна фирма.

      Во македонските амбасади низ све­тот недостасувваат оделенија за про­моција на Македонија, кои ако ги имавме ќе бевме попрепознатливи, а полесно ќе ја доби­вавме и борбата за името. Другите држави имаат та­кви одделенија во своите амбасади.


      Во Словенија има околу 4 илјади Македонци и за нив постоеле неколку македонски друштва, но ние со формирањето имавме идеја да направиме нешто различно. Другите друштва имаат за цел да го организираат дружењето на Македонците во Словенија меѓу себе, а нашето друштво е прво кое имаше за цел да ги спои двете држави Македонија и Словенија, односно да бидеме мост меѓу двете држави.


      ► Колку често доаѓаш во Македонија?

      - Најмалку 4 пати годишно. Двапати доаѓам професионално, а двапти приватно.

      ► Што е она што би сакале да го направите во равојот на ва­шиот приватен бизинис и во градњето на мостот помеѓу Словенија и Македонија?

      - Во Македонија наесен сакаме да отвориме претставништво на фирмата која ја застапувам за Македонија „Проеко“, која ќе им помага на македонските фирми и општини во обезбедување на средства од европските фондови, од­носно изработка и водење на про­екти. Следна активност на нашето Друштво е организирање на еден голем концерт на македонски уметници во Љубљана со цел да собереме средства за помош за изградба на манастирот кој го почна Тоше Проески. Досега сите наши хуманитарни активности беа поддржани од словенски фирми, овој пат помош ќе побараме од македонски фирми и државни институции за да ни помогнат за патувањето на нашите уметници.

Игор ТАСЕВСКИ

     Билјана ЗЕРОСКА Ста­нов­ник, Македонка, родена во Прилеп. Живее и работи во Љубљана, Словенија.

     Својата кариера ја започна со отварање на аптеката Фанурија во Прилеп и продолжи со проектен менаџмент во ср­цето на Европа – Словенија.

     По професија е дипломиран фармацевт и магистар по менаџмент

     Мајка е на две ќерки: Јулија (6) и Глорија (3).

     Желба и е што подобро да ја промовира Македонија во Словенија и во светот