|
|
|
ФЕЉТОН
ПАТУВАЊЕ ОД ПЕРСЕИДА (ЦРНОБУКИ) ДО АЛБА ФУЧЕНС (ИТАЛИЈА) (1)
ЗАБОРАВЕНИОТ ГРОБ НА ИМПЕРАТОРОТ ПЕРСЕЈ
|
Пишува: Кирил ДОБРУШЕВСКИ |
● Токму тогаш јас дознав дека археолошкиот локалитет Градиште што се наоѓа во моето родно Црнобуки е, всушност, античкиот град Персеида. Тоа сознание значеше почеток на моето мало патување во историјата на Античка Македонија – најголемата империја во историјата на човештвото – ни рече во разговорот Кирил Добрушевски.
Крајот на мај 2005 година ќе остане во моето сеќавање и, се разбира, во сеќавањето на сите што ја сочинуваа делегацијата која отиде на гробот на последниот Крал на Античка Македонија – Персеј. Нашите домаќини – организаторите на Поетската средба на Европа што се одржува во Червара ди Рома, посетата на гробот на Персеј го ставија и во официјалната програма, во наша чест, секако. Им благодариме на градоначалникот на Червара Џулио Роси, на Силвано Галон (претседател на Средбата) и, секако на професор Винченцо Бјанки, познат италијански скулптор, поет и голем пријател на Македонија. Со задоволство се сеќавам и на придружбата на љубезниот парох Дон Аугусто кој на мое барање ја документира посетата на ова светилиште. Последниот ден на мај 2005 година, јас и Борис Вишински, по 2167 година од смртта на последниот Крал на Античка Македонија – Персеј, положивме букет свежо цвеќе. Нашите домаќини напишаа дека букетот е положен од Управата на Маљано деи Марси и Македонскиот народ. Зошто да не?
АЛБА
ФУЧЕНС – СТРАТЕШКА ТВРДИНА РИМСКАТА ИМПЕРИЈА
Персеј, синот на Филип петти Македонски е последниот и најнесреќниот Крал на Македонија. Со поразот што го претрпел во Третата Римско – Македонска војна во 168 година пред нашата ера којашто се водела во Пелагонија, па се до Пинд, дефинитивно пропаѓа една од најголемите империи во светската историја – Македонската Империја. Победникот, римскиот конзул Лучо Емилио Паоло наредил Персеј со семејството (децата: Филип, Лариса и Александар) и кралската придружба да биде одведен во Рим, а потоа заточен во римската стратешка тврдина Алба Фученс.
Од Алба Фученс денес има само ѕидини кои ги чуваат тајните не само на македонскиот Крал Персеј, туку и на другите кралеви кои таму биле заточувани. Во нивна близина има мала убава населба чиј градоначалник со големо внимание не дочека и ни приреди прекрасен прием кој, бездруго треба да му биде возвратен. Чествувањето на гробот на Кралот Персеј, според градоначалникот, треба да биде само почеток на една динамична комуникација меѓу Македонија и Италија. Желба којашто ја споделивме и ние. Со задоволство.
ЗАГАДОЧНА СМРТ НА КРАЛОТ ПЕРСЕЈ
Поразот од Римјаните, пропаста на Македонската Империја и заточеништвото биле доволна причина за страдањата на Персеј. Тој не бил обичен заточеник. Иако слободен да се движи во границите на градот Алба Фученс, тој бил будно следен. Не можејќи да се помири со сопствената и со судбината на Македонската Империја, според едни документи, по четири години заточеништво, Персеј се самоубил (според раскажувањето на Петерколо). Но, Диодоро вели дека две години откако бил префрлен во Алба Фученс, од војниците кои го чувале бил присилен да умре од неспиење. Истото го раскажува и Плутарх кога зборува за животот на Паоло Емилио. Но, истиот автор вели дека Персеј, според други автори, самиот и се препуштил на смртта откажувајќи се од јадење. Очигледно, за смртта на Персеј има прилично нејаснотии.
Според достапните информации, животот на последниот Крал на Македонија згаснал во 162 година пред Христос (за годината на смртта на Персеј преданијата не се едногласни и осцилираат меѓу 165 - Diodoro XXXI 9,5 - 163 - VELLEO 1, II, I - и 162 - PORFIRIO DI TIRO = FgrHist 260). И како што било ред во Римската Империја, Римскиот сенат, на сметка на државата му направил достоен погреб на Персеј и му изградил гробница. Таа се наоѓа надвор од границите на Алба Фученс, покрај патот Валерија – прометната сообраќајница во тоа време, веројатно за гробот да биде упадлив.
НЕСРЕЌЕН КРАЛ – НЕСРЕЌНИ ДЕЦА
Персеј, според расположливата документација, имал три деца. Најстариот бил син му Филип, второто дете – ќерката Лариса, а третото – синот Александар. За Филип, кој бил несудениот наследник, се вели дека починал по две години. За смртта на ќерката Лариса, засега, нема податоци. За синот Александар се вели дека направил обид да ја избегне несреќната судбина на братото Филип и сестрата Лариса. Наводно се посветил на учењето, посебно на латинскиот јазик. Се вработил како писар во римската администрација и заработувал скромна плата. За жал, ниту тој не поживеал многу долго. Очигледно, децата на несреќниот татко, не ја избегнале несреќната судбина. Својот живот го завршиле кратко време по завршувањето на постоењето на Македонската Империја која и по толку илјади години го привлекувала вниманието на научниците, па и на обичните луѓе.
ХРОНОЛОГИЈА
НА ОТКРИВАЊЕТО
Пред три години на мојата домашна адреса пристигна монографијата Виа Егнација од Микеле Фасоло (адресата, веројатно ја нашол на веб-страницата на Амбасадата на Италија во Скопје). Книгата веднаш го предизвика мојот интерес, па јас го поканив да ја посети Македонија за да ја запознае трасата на Виа Егнација што минува низ Македонија. Тој дојде во Македонија и го започнавме изодувањето на Виа Егнација, во придружба на проф. Виктор Лилчиќ (од Институтот за археологија во Скопје) и Енгин Унџел од Заводот за заштита на спомениците од Битола. Поминувајќи ги деловите на овој значаен антички пат во разговорите се навраќавме на подалечното минато и неговите рефлексии во сегашноста. Токму тогаш јас дознав дека археолошкиот локалитет Градиште што се наоѓа во моето родно Црнобуки е, всушност, античкиот град Персеида. Тоа сознание значеше почеток на моето мало патување во историјата на Античка Македонија – најголемата империја во историјата на човештвото.
ТЕЖОК ПАТ ЗА НЕУПАТЕНИТЕ
Историјата, поради лошата судбина на нашиот народ и на Македонија, никогаш не ми била омилена. Но, Археолошката карта на Македонија, морав да ја читам повеќепати зашто мојот пријател од Рим Микеле Фасоло побара да му ги преведам на италијански јазик податоците за сите места каде што минува патеката на Виа Егнација. Преведувајќи делови од Археолошката карта на Македонија дознав дека во Црнобуки има десет интересни археолошки локалитети, но за мене најзначаен беше локалитетот Градиште каде како дете по изорувањето на нивите собирав висаци и разни статуетки кои потоа ги носев во Музејот во Битола. Притоа добивав пари колку за купување на еден кибрит. Кибритите брзо се трошеа, а дали статуетките уште се наоѓаат во битолскиот музеј – не знам. Оние предмети на коишто се сеќавам, ги имам пребарувано но не ги имам најдено (можеби и не се никаде изложени). Но, Градиште постои, а месното население љубоморно го чува од натрапниците кои трагаат по антички реткости.
Но, не беше лесно да се пронајдат податоци дека токму локалитетот Градиште е античкиот град Персеида. Очигледно, тешко за неупатените, а упатените секогаш се презафатени со други работи. Но, сепак, добив помош и дојдов до бараните податоци кои потврдуваат дека Градиште, односно Персеида е градот изграден од Филип петти Македонски во 183 година пред Христос, крстен по син му Персеј – последниот Крал на Македонија. Тоа за мене беше вистински предизвик. Се надевам дека ќе ги предизвика и археолозите од Македонија, а можеби и од странство докрај да ги утврдат сите релевантни факти.
ПЕРСЕИДА – ГРАД ИЗГРАДЕН ПО КРАЛСКИ ВКУС
Според книгата – Античките градови во Македонија – од авторот Иван Микулчиќ, издадена од Македонската Академија на Науките и Уметностите во 1999 година, античкиот град Персеида се лоцира во Црнобуки. Поточно, на ритчето Градиште кое се наоѓа на северната страна од селската црква Свети Димитрија.
Според забележувањата на Микулчиќ, Персеида е поставена на вештачки моделирана тераса која јазичесто избива од ридот и навлегува во долината на Шемница... Терасата одгоре е зарамнета со високо насипан раб, подѕидан со камен без малтер. Околу овој простор како рамка се протега уште една тераса, потесна и значително пониска од првата. И таа била заштитена со одбранбен ѕид граден на ист начин како и претходниот... Овој ѕид бил широк 2 метри. Само од север, преку рамно седло постоел лесен пристап. Укрепениот простор е голем 305 х140/90m и зафаќал површина од 4,5 хектари. Во источното подножје се протега уште една станбена тераса потпрена на горниот простор, но само делумно укрепена...
Според согледувањата на Микулчиќ, оваа населба не се развивала постапно, туку била изградена наеднаш и строго плански. Тој мисли дека ова гратче живеело главно од експлоатација на руди и обработка на метали од околните рудници и имало големо стратешко значење. Практично, од Градиште / Персеида битолскиот дел на Пелагонија се гледа како на дланка.
СОЗНАНИЈА ДОБИЕНИ ПО ВИА ЕГНАЦИЈА
Моите сознанија за Персеида дојдоа со патувањето по римскиот пат Виа Егнација, а професорот Винченцо Бјанки до лоцирањето на гробот на Кралот Персеј дојде истражувајќи ги мегалитските камења кои ги има во Чочарија, во Абруцо и во Скопје. Барајќи ги културно – историските врски меѓу Италија и Македонија, почитуваниот професор Бјанки воспостави уште една врска меѓу двете држави и двата народи – италијанскиот и македонскиот. Но, дали гробот што зрачи низ вековите може да ја осветли и нашата сегашност, најмногу зависи од нас самите. Љубезниот градоначалник и сите наши италијански пријатели упатија топла покана до нашата локална власт за посета на ова светилиште и за воспоставување соработка. Поканата останува отворена, но за жал, се уште без одговор. Конзулска Битола – молчи! Зошто?
Во меѓувреме, во Битола е основано Здружение за промоција на Градиште / Персеида кое има амбиции да работи на расветлувањето на сите околности поврзани со овој значаен археолошки локалитет.