|
|
|
ЕКСКЛУЗИВНО
ЗОРАН ИЛИОСКИ – ДИРЕКТОР на „Водовод“ – Битола
| ● Малата хидроелектрана, која ќе се гради во кругот на старата филтерска станица во месноста Довлеџик, ќе биде со генератор со снага од 360 kW, а ќе произведува околу 2.4 GWh електрична енергија годишно. Цената на целокупниот проект ќе изнесува околу половина милион евра, средства на ЈКП „Водовод“ – Битола, истакна во разговорот директорот на „Водовод“ Зоран Илиоски. |
80
години на
„Водовод“ – Битола
► Што значи 80 - годишниот јубилеј за Вас и за „Водовод“?
- 80-годишниот јубилеј е можност да се сетиме на почетоците на водоснабдувањето на Битола и да се споменат сите кои дале свој придонес во неговиот развој. Со таква цел, за денот на водите беше организирана изложба на слики и видео презентација од развојот на претпријатието, од раните почетоци до денес. На овој настан беа поканети сите кои било кога работеле во „Водовод“.
Тоа е исто така можност да се сумираат резултатите и да се трасираат патеките на натамошниот развој на претпријатието, како и, преку медиумска кампања, уште еднаш да се потсетат граѓаните за важноста на водата и водоснабдувањето и да се укаже на потребата од нивен одговорен однос кон овој се поскапоцен ресурс.
► Годинава се очекува да се реализираат неколку покрупни проекти. Кои?
- Во тек се завршните подготвителни работи за изведба на мала хидроелектрана на доводниот цевковод на чиста вода за пиење, на локацијата на старата филтерска станица во месноста Довлеџик. Изведувачот на градежните работи е веќе избран, а во тек е изборот на најповолен понудувач за набавка и инсталација на електромашинската опрема.
Паралелно течи и тендерот за набавка и инсталација на мерни инструменти и центар за мониторинг на водоводната мрежа, како прва фаза во воспоставувањето на SCADA систем за далечинско управување со водоводната мрежа и објектите во неа.

Во изминатиот период значајно е обновен возниот и машинскиот парк, набавен е современ геодетски инструмент – тотална станица, подвижен ултра – звучен мерач на проток, дигитални манометри со логери, како и хидромеханичка опрема
Веќе се работи и на реконструкција на водоводната линија на потегот од Дулие до автобуската станица Битола, по улиците „Прилепска“, „4-ти Ноември“ и „Никола Тесла“. Ова е дел од поголем проект за регионална соработка, INTERREG финансиран од EAR во кој се вклучени и партнери од Грчка страна, а опфаќа и реконструкција на горниот строј на споменатите улици.
Вредно е да се споменат и напорите кои се вложуваат за воспоставување на редовно водоснабдување во високиот дел на населбата Буковски Ливади. Населбата неодамна е поврзана на средната висинска зона, вграден е регулатор на притисокот и моментално се работи на поделба на водоводната мрежа на две висински зони, со што конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со недостигот на вода на жителите на оваа населба.
► Најверојатно најголем интерес ќе привлече градбата на мини хидроцентралата. За каков капацитет станува збор, колку ќе чини и од каде ќе се обезбедат средства?
- Малата хидроелектрана, која ќе се гради во кругот на старата филтерска станица во месноста Довлеџик, ќе биде со генератор со снага од 360kW, а ќе произведува околу 2.4 GWh електрична енергија годишно.
Цената на целокупниот проект ќе изнесува околу половина милион евра, средства на ЈКП „Водовод“ – Битола, истакна во разговорот директорот на „Водовод“ Зоран Илиоски.
► Во рамките на јубилејот планирани се и едукации со најмладите. Што ве
наведе на тоа и што очекувате да се добие со оваа иницијатива?
- Целта на ваквата иницијатива е да се запознаат младите со комплексноста на преработката и дистрибуцијата на водата за пиење, со што се надеваме дека ќе почнат и повеќе да ја ценат и дека нема ненаменски да ја трошат. Иницијативата се реализира преку екскурзии на ученици од основните училишта до филтерската станица во село Дихово, каде вработените им ги покажуваат сите фази на третман на водата.
► Можете ли да дадете слика за „Водовод“ денес?
- ЈКП „Водовод“ – Битола е претпријатие кое се труди да стане модерен, современ сервис близок до граѓаните.
► Во една прилика изјавивте дека сте инвестирале и во опрема за подобрување на условите за работа. Во што се сте инвестирале?
- Во изминатиот период значајно е обновен возниот и машинскиот парк, набавен е современ геодетски инструмент – тотална станица, подвижен ултра – звучен мерач на проток, дигитални манометри со логери, како и хидромеханичка опрема.
► Што можат граѓаните на Битола да очекуваат во оваа јубилејна година на „Водовод“?
- Уште поголема посветеност на работата заради обезбедување на непрекинато водоснабдување на Битола и околните села со чиста вода за пиење.
► Кои од поголемите проекти реализирани минатата година би ги истакнале?
- Главниот довод од село Лажец е сигурно најважниот и најголемиот проект реализиран минатата година што чинеше 5 милиони денари од кои 3 милиони беа од Фондот за неразвиени подрачја, а со 2 милиони учествуваше „Водовод“ со општината. Во оваа прилика сакам да ја истакнам и изградбата на водоводната инфраструктура во делот на градот каде се изгради бензиската пумпа „Лукоил“. Инвестицијата вредна 6 милиони денари ја поддржа и Фондот за води. Но, тоа не е се. Работевме и на неколку други објекти како што се: инфраструктурно уредување кај Градскиот саат, замена на стари, односно азбестни цевки во должина од околу три километри и друго. Сакам да потенцирам дека сме релативно задоволни и од наплатата која ланската година достигна и до 82%.